речник контакт

Кво вадис Топилница?

Метрудхем ја плати сумата за поранешниот металургиски гигант „МХК Злетово“ и стана газда на Топилницата и фабриката за вештачко ѓубре ХИВ.

Петар Печков

Метрудхем ја плати сумата за поранешниот металургиски гигант „МХК Злетово“ и стана газда на Топилницата и фабриката за вештачко ѓубре ХИВ. Откако ги уплатија 2,25 милиони евра ?ои ги понуди на седмиот по ред тендер завршен во јуни минатата година, тие деновиве го платиле и данокот на имот кон општина Велес за Топилницата во висина од 3 милиони денари и еден милион денари во касата на општина Градско за фабриката ХИВ. Ова го потврди и стечајниот управник на МХК Злетово, со што е завршен купопродажниот процес, кој наместо осум дена, согласно законската процедура,траеше година и половина.

- Договорот за купопродажба  со новиот сопственик е реализиран кај нотар. Откако ги платија сите давачки, понудената сума, ДДВи данокот за имот, немаше никакви правни печки  тој да се потпише. Извршено е и примопредавање на комбинатот и новите газде веќе владеат со имотот – изјави Радослав Кипровски стечаен управник на МХК Злетово. Во ниту еден контакт со него, новите сопственици не соопштиле какви им се плановите околу евентуалниот рестарт на комбинатот. Договорот бил потпишан од страна на новиот  директор Тони Димитриоски кој е поранешен директор на УЈП и прилепскиот Тутунски комбинат Прилеп. Тој завчера дојде на Одборот на доверители на МХК Злетово, но тој вешто ги избегна известувачите, па јавност во Велес и натаму е без информација што Метрудхем планира да работи со Топилницата и ХИВ. Наместо него вообичаено Александар Билбилов како претставник на Метрудхем, најави повеќе информации, но за догодина. Тој оваа изјава ја повторува од лани во јуни кога тие го купија комбинатот.

- Бидете трпеливи, после Нова Година ќе излеземе со информација за нашите планови. Повеќе не можам да кажам – рече Билбилов, кој за потврда на именувањето на Димитриоски за прв човек на Топилницата не упати до Централниот Регистар.  Тајноста на Метрудхем околу евентуалниот рестарт на комбинатот оди до таму, што неодамна Билбилов при престојот во локалната власт за плаќање на данокот на имот, не можел да зборува за плановите на фирмата. Градоначалникот на Велес Горан Петров е разочаран од ваквиот однос на новиот сопственик и останува на неговиот став,  „не“ за работа Топилницата.

- Претставникот кој дојде за плаќањето на данокот на имот беше техничко лице. Немам контакт со сопствениците ниту со некое официјално лице, кое има мандат и легитимите да разговара со општината околу идните планови, бидејќи досега никој таков се нема  јавено. Јас апелирам  сопствениците да излезат пред јавноста во градот, да ги кажат нивните намери и се легитимираат. Педесет илјади велешани тоа го чекаат и заслужуваат одговор – изјави Горан Петров, градоначалник на Велес. По најавата дека деновиве е завршена продажбата на велешка Топилница први реагираа од „Зелената коалиција“. Тие велат дека ја следат состојбата и директна поддршка во намерата за зачувување на здрава животна средина   добиле од Балканското еколошко движење.

- Доколку сопствениците решат да ја продаваат за старо железо ние јавно кажуваме дека ќе им помогнеме во реализацијата на таа идеја а ако се решат за рестарт тогаш ќе наидат на отпор - вели Игор Смилев од ЗГ „Зелена сила“. За  продажбата на МХК Злетово кој во стечај отиде мај 2005-тата беа распишани седум меѓународни тендери. На  првиот беше побарана цена од 13,7 милиони долари а на последниот седмиот, скопската фирма „Метрудхем\" ја купи  за само  2,25 милиони евра.  Фирмата Метрудхем ДООЕЛ Скопје беше регистрирана од белграѓанецот Борис Комленц непосредно пред тендерот за продажба, во мај лани, на Британските девствени острови со почетен капитал од еден милион евра.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »